Во периодот од 25 – 27 мај во Струга, Младински Совет Прилеп учествуваше на обуката „Превенција и справување со кибер насилство“.
Целта на обуката беше да се зајакнат капацитетите на граѓанските организации кои работат со деца и млади, да обезбедат поддршка за превенција и заштита од кибер насилство, вклучувајќи теми како што се основи и видови на кибер насилство, мапирање на потреби и стравови, позитивна комуникација на интернет, безбедност на интернет и процедури за справување со кибер насилство.
Социјалното дружење и многуте можности што ги нуди интернетот се обележје на 21 век, но потребно е да размислиме и за можните опасности во виртуелните средини и за тоа кои и какви сè може да бидат виртуелните пријатели? Сајбернасилството е реален проблем на денешницата, а жртва може да биде секој.
Насилство на интернет е секој облик на насилство кое настанува со употреба на дигиталната технологија. Може да се случува на социјалните мрежи, на апликациите за размена на пораки, гејминг платформи и на мобилните телефони. Тоа подразбира испраќање на пораки по пат на интернет или на мобилен телефон, кои имаат за цел повредување, вознемирување или нанесување штета на лице кое не може да се заштити. Кибер булингот вклучува и навредување, вознемирување, следење, ширење насилни и навредливи коментари, испраќање заканувачки пораки и исмејување.
Интернетот е глобален медиум кој не познава физички граници. Жртви, но и насилници постојат секаде каде што постои приклиучок за интернет. Сепак, популарните социјални мрежи посебно се погодно место за насилници, бидејќи преку нив со голема брзина може да се прошират лажни приказни за жртвата, како и навредливи фотографии.
Насилството во живо и насилството на интернет често може да се случуваат и напоредно. Меѓутоа, насилството на интернет остава дигитален запис кој може да послужи како доказ.
Обуката беше во рамки на проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата“ којшто го спроведува Коалиција на младински организации СЕГА, во партнерство со СОС Детско Село, Волонтерски Центар Скопје и Forumi Gruas.
#EuropeanYearOfYouth #training #cyberbullying