Во текот на изминатите неколку месеци, идеите што беа развиени за време на менторскиот процес во рамки на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ се претворија во значајни ученички иницијативи во три средни училишта во Прилеп.
Со континуирана поддршка, ученичките заедници од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, СОУ „Ѓорче Петров“ и СОЕПТУ „Кузман Јосифоски – Питу“ ги испланираа и реализираа своите активности, насочени кон решавање на еден од клучните предизвици што самите ученици го препознаа – создавање побезбедна училишна средина и поттикнување на позитивна комуникација.
Секое училиште разви свој пристап. Учениците организираа едукативни филмски проекции проследени со дискусии, интерактивни работилници за ученици, наставници и родители, креираа подкасти и кратки видеа за подигнување на свеста, како и трајни иницијативи како „Ѕид на добри зборови“ и кутии за анонимни пораки, со цел да се поттикне позитивна комуникација и да се обезбеди безбеден начин учениците да ги споделуваат своите искуства.
Во текот на реализацијата, учениците ја презедоа водечката улога во планирањето, организацијата и спроведувањето на активностите, покажувајќи креативност, тимска работа и лидерски вештини, истовремено одговарајќи на реалните потреби на своите училишни заедници.
Ни претставуваше чест што ги поддржавме овие посветени млади луѓе во текот на целиот менторски процес и што бевме сведоци како нивните идеи се претворија во конкретни активности. Нивните иницијативи покажуваат дека ученичкото учество, кога е поттикнато и поддржано, може да придонесе за поинклузивни, поподдржувачки и попозитивни училишни средини.
Оваа активност е дел од проектот „Промоција на безбедна училишна средина, поддржан од Детската фондација Песталоци. Проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ се спроведува од страна на Коалицијата на младински организации СЕГА во партнерство со Македонскиот Центар за Граѓанско образование, Првата детска амбасада во светот „МЕЃАШИ и СМАРТ АП – Лабораторија за Социјални Иновации.